Културните и креативните работници денеска ќе имаат можност одблиску да се запознаат со европските фондови и можности за соработка преку работилниците посветени на програмата „Креативна Европа – Култура и МЕДИА“, што се одржуваат во Скопје.
Настанот, под мотото „Соработувај, креирај, додај вредност“, се реализира во организација на Канцеларијата за Креативна Европа при Министерството за култура и туризам, во соработка со Канцеларијата за Креативна Европа на Унгарија и домашни корисници на програмата.
Програмата започнува со информативна сесија за претставници од културниот, креативниот и филмскиот сектор, а од пладне следуваат две паралелни работилници.
Во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се обработува потпрограмата „Култура“, каде учесниците ќе се информираат за Повикот за европски проекти за соработка за 2026 година, ќе слушнат практични искуства од веќе реализирани проекти и ќе работат на развој на сопствени европски идеи.
Во Археолошкиот музеј, пак, ќе се одвиваат активностите во рамки на потпрограмата „МЕДИА“, со презентација на повиците „Мини слејт“ и „Европски филмски фестивали“, како и конкретни насоки за подготовка на успешни апликации.
Настанот ќе заврши со заедничка сесија и дискусија, на која ќе бидат презентирани резултатите од работата.
Работилниците се отворени за сите заинтересирани организации и професионалци кои сакаат да воспостават нови партнерства и да ги искористат можностите што ги нуди програмата „Креативна Европа“.
