Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со претседателот на САД, Доналд Трамп.
Како што изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, едночасовниот разговор се одржал на иницијатива на американската страна, а темите биле конфликтот околу Иран, војната во Украина и ситуацијата во Венецуела.
Ова е прв разговор меѓу двајцата лидери по повеќе од два месеца, а воедно и прв познат контакт од почетокот на американско-израелските напади врз Иран.
„Путин му го изнесе на Трамп својот предлог за завршување на војната со Иран“, изјави Ушаков и кажа дека едночасовниот телефонски разговор меѓу Путин и Трамп бил „деловен, отворен и конструктивен“, како што, според него, вообичаено изгледа дијалогот меѓу руските и американските лидери. Според него Путин изнел низа предлози насочени кон брзо политичко и дипломатско решение на иранскиот конфликт.
Тој додаде дека Трамп ја изнел својата проценка за конфликтот со Иран, но не наведе детали за таа проценка.
