Лето без вода во Скопје! Се повеќе граѓани на социјалните мрежи споделуваат објави дека немаат вода. Ако до лани, тој проблем го имаше само во приградските средини, годинава вода редовно нема ниту во Центар, Карпош, Аеродром…
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ секојдневно апелираат да се штеди и рационално да се користи водата, но попусто.
Проблемите се јавуваат најмногу заради застарената инфраструктура, затоа што голем дел од водоводната мрежа во Скопје е стара повеќе од 40-50 години, па како последици на честите дефекти и пукање цевки доведува до огромни загуби на водата.
Вториот голем проблем е пренатрупаноста и урбаната експанзија, затоа што се зголемува населението, се прошируваат урбаните зони, без да се направи соодветно проширување на водоводната мрежа. Евидентен пример последниве години за ова е Бардовци, каде што секој ден никнуваат нови градби, а водоводната мрежа не се проширува.
Трет проблем е неправилна употреба и расипничкото трошење со неконтролирано користење на вода за наводнување, миење улици и други непродуктивни намени.
Четврти проблем се нелегалните диви приклучоци, кои им ја трошат водата на корисниците и создаваат погрешна слика за потребите од вода во Градот.
Петтиот проблем е лошото менаџирање на скопски „Водовод“ и недоволната посветеност да преземе нешто, затоа што во следните години лесно може да се случи Скопје да стане „град без вода“.
