Воениот судир на Блискиот Исток можеби е географски далечен, но економските последици неизбежно ќе се почувствуваат и во Македонија.
Иако земјава не увезува нафта директно од Иран, таа е целосно зависна од глобалниот пазар на енергенси. Секој раст на цената на суровата нафта автоматски значи поскапи горива и кај нас, а тоа се прелева во транспортот, производството и храната, носејќи нов инфлациски притисок.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност изјави дека засега нема простор за загриженост и дека државата располага со задолжителни резерви на нафтени деривати.
Но, предизвикот не е само дали ќе има нафта, туку по која цена ќе се продава. Оти во услови на војна и глобална економска нестабилност, малите економии најчесто го чувствуваат ударот најбрзо.
