Владата денеска им ја одзела дозволата на 6 компании за производство на канабис за медицински цели, затоа што контролата кај нив покажала дека несоодветно го складирале сувиот цвет кој бил отворен, без запечатување и нескладиран во картонски кутии, а имале и куп други прекршувања на Законот за контрола на опојни дроги.
Покрај „Медплант” од која на локации во Скопје и Струмица беа запленети 40 тона марихуана и „Алфафарм” чиј канабис беше запленет во Србија минатиот месец, и фирмите „Гринлајф” „Лајфплант”, „Атафарм” и „Канабидоис” ги изгубија лиценците.
Како што соопшти министерот за здравство Азир Алиу контрола досега била направена во 13 од вкупно 43 фирми со лиценца за одгледување медицински канабис. Контролата продолжува и во останатите компании.
