Македонскиот Народен Театар ја одбележува својата 80-годишнина. Голем и убав јубилеј. За заокружување на тој јубилеј оваа високореномирана иснтитуција одлучи да го покани Црногорскиот Народен Театар.
Во јавноста се појави дилема треба ли таков значаен датум да се одбележи со претстава од друг театар или треба покрај таа претстава да има и нешто збирно, големо што МНТ ќе го направи за да ја покаже својата успешна долгогодишна историја.
Македонската публика очекува повеќе потсетување на старите успеси: „Македонска крвава свадба”, „Бегалка“, текстовите на Коле Чашуле, Горан Стефановски – автор чие дело ја обликуваше современата македонска театарска мисла, нови македонски режисерски интерпретации на сопствениот канон. Што од сето ова ќе биде во последната вечер?
Значи, многубројната публика која со години го потсетува МНТ никогаш не била против тоа во театарот да дојдат и странци. Балканската културна размена е вредност. Но прашањето е – како е најдобро да се осмисли прославата на ваков голем јубилеј?
Осумдесет години од првата претстава во 1945 година – заслужува за кулминацијата да има и македонски печат. Македонската култура се бори за идентитетска видливост и во регионот и пошироко. Но, за голем дел од јавноста 80 години постоење треба да се прославува со што е можно поголема културна самоафирмација.
Впрочем, секој национален театар во Европа најчесто би го прославил својот јубилеј (особено затворањето) со сопствен репертоар, со сопствена традиција, со сопствена уметничка историја.
