Сојузот на синдикати на Македонија денеска го блокираше влезот на Стопанската комора. Насобраните работници се обратија до газдите на фирмите со барање за повисоки плати. Воедно синдикалците побараа од работодавците да седнат со нив на маса и да се договорат за минимална плата од 600 евра.
Пред Стопанската комора и на блиската крстосница имаше само по 21 работник колку што е законскиот минимум за да може да се блокира улица.
„Да не беше законот таков, ќе дојдев сам да блокирам”, рече првиот синдикалец Слободан Трендафилов тврдејќи дека на работници им се заканувале да не излегуваат на протест и блокади.
Тој истакна дека следниот пат вработените во приватниот сектор ќе бидат на улица ако газдите не се одважат и не седнет со синдикатот на маса за да преговараат за платите.
Инаку, Во понеделникот Синдикатот ги блокираше влезовите на Собранието, а најави дека следната недела ќе се блокирана Владата. Од Владата пак неколкупати истакнаа дека оставаат синдикатот да се договори со работодавците, а тоа ќе биде прифатливо за неа.
