И денеска, четврти ден, сите гранични премини на Македонија со Бугарија и Грција се блокирани од страна на камионџиите.
Македонските превозници, но и нивните колеги од целиот Западен Балкан не се откажуваат од намерата да се исправи неправдата што им ја нанесува Брисел. Тие очекуваат од ЕУ итно решение за нивниот проблем во врска со престојот во шенген зоната.
Возачите бараат ЕУ да ги третира како професионални работници, а не како туристи или мигранти кои веќе почна и да ги депортира од Унијата.
Во ова македонските превозници имаат поддршка и од властите. Министерот за транспорт Александар Николоски на средби со претставници од Хрватска алармираше дека целиот регион трпи големи штети, но дека штети трпат и земјите од Унијата.
Поддршка за камионџиите вчера пристигна и од автобуските превозници, кои најавија дека ќе се придружат на блокадите доколку не се најде решение.
