Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, денеска упати апел до Обединетите нации да ја „исполнат својата улога“ и да спречат крвав конфликт во Венецуела. Ваквата реакција доаѓа во екот на зголемените тензии меѓу оваа јужноамериканска држава и САД.
Шејнбаум на брифинг со новинарите истакна дека Мексико се противи на каква било странска интервенција во Венецуела.
– Ги повикувам ОН да си ја завршат работата. Организацијата не презема ништо, а мора да ја сфати својата улога во спречувањето на какво било крвопролевање, изјави таа.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера нареди целосна блокада на сите санкционирани нафтени танкери кои влегуваат или излегуваат од Венецуела. Трамп, кој го прогласи „венецуелскиот режим“ за странска терористичка организација, се очекува подоцна денеска да им се обрати на своите сограѓани.
Тензиите дополнително ескалираа откако Трамп нареди распоредување на илјадници војници и околу десет воени бродови во регионот, вклучувајќи и носач на авиони. Владата на Николас Мадуро ја карактеризираше оваа одлука како „гротескна закана“.
