ЕУ упорно бара Македонија да и удоволи на Бугарија и да го смени Уставот. Со истата упорност Брисел не дава објаснување дали тоа ќе биде последното вето или ќе следат нови условувања, надвор од нормалните критериуми како што беше многу пати до сега низ годините.
Од друга страна и сегашната македонска влада е упорна, бара одговори од ЕУ. Вчера тоа пак го стори премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека секоја отстапка од македонска страна резултира со нов услов и заради тоа се потребни гаранции од ЕУ.
-Барањата за гаранции од ЕУ се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, а Владата нема да прифати процес кој ќе отвори простор за нови условувања, истакна тој.
Вчера во Брисел слично зборуваше и заменик-премиерот Александар Николоски барајки клучните играчи во ЕУ да бидат фер и да испратат искрена порака околу македонската евроинтеграција.
-Изминативе децении Македонија направи голема жртва, сменивме име на државата, ја променивме валутата, знамето, уставот седум пати, сега треба и по осми пат. И тоа е бескрајна приказна, и кога зборувате со луѓето, тие прашуваат: дали е ова последната работа. И тоа е одговорот што не го добиваме од ЕУ, рече Николоски.
Ќе стаса ли од Брисел одговор или повторно ќе доаѓаат само барања, односно условувања, останува да се види.
