Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина. Даноците не се бројки на хартија – тоа се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин.
Ова го рече премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на Денот на даночните работници.
Тој се осврна и на борбата против корипцијата при што нагласи дека „ниту еден напредок нема вистинска вредност, ако не го браниме од најголемата
закана за секоја држава – корупцијата”.
А во оваа борба, рече тој, УЈП е клучна фронт-линија.
– Каде има корупција – нема доверба. Каде нема доверба – нема наплата. А каде нема наплата – нема држава. Затоа ви благодарам што покажувате висока професионална етика, и ве охрабрувам да останете бескомпромисни. Државата стои зад вас. И ќе стои зад секој чесен човек во институциите, истакна премиерот.
