Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, меѓу нив и шест деца. Според обвинителниот акт, со години наназад се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира, иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционериа.
За 11 лица е запрена постапката и нема да се гонат со обвинение, бидејќи немало доволно докази, меѓу нив се екс директорите на Државниот пазарен инспекторат, двајца екс министри за економија. За Владимир Блажев-Панчо има прекин на постапката додека е на лекување, како и за Александар Карадаковски кој бил управител на фирмата, а почина на болничко лекување, соопшти денес државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
