Пропадна првиот обид да се смени изборниот модел, за да се обезбеди поголема демократија. Предлогот на ЛДП за „една изборна единица со отворени листа“ не доби поддршка од пратениците. За него гласаа само 19 пратеници од опозицијата.
– Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот, изјави Моника Зајкова, претседателка на партијата – предлагач.
Според Зајкова, демократијата ќе се унапреди доколку постои можност граѓанинот да го бира директно својот пратеник преку отворени листи.
-Има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност, на контролирани листи, порача Моника Зајкова.
Иако ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа, премиерот, Христијан Мицкоски претходно изјави дека тие поддржуваат една изборна единица, но со вклучување и на дијаспората.
-Еве ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може и тие да учествуваат во еден таков изборен процес, да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици… да има една и да се влеваат сите гласови во една изборна единица и на резидентното население, но и на онаа дијаспора којашто ќе сака да учествува, вели Христијан Мицкоски.
Со години наназад се зборува за идејата целата држава да биде една изборна единица, но никако да се реализира.
