Во Нови Сад денеска комеморативен собир за оддавање почит на првата годишнина од загинувањето на 16 лица при уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Пред една година, на денешен ден се урна бетонската настрешница на реновирана железничка станица. На лице место загинаа 14 луѓе, меѓу кои и четири деца на возраст од 6, 10, 16 и 17 години, а три лица беа тешко повредени. Уште две лица починаа подоцна поради повредите, а третото се уште е во тешка состојба и е на лекување.
Меѓу загинатите беше и Македонецот Васко Саздовски (46) – истражувач во Институтот Биосенс во Центарот за сензорски технологии, како виш истражувач во рамките на проектот ANTARES.
Илјадници луѓе ноќеска по полноќ во Нови Сад одржаа 16-минутен молк со што им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, пред големиот комеморативен собир со кој денеска ќе се одбележи годишнината од настрешницата.
Претходните неколку дена од сите српски градови колони луѓе пешки маршираа за да стигнат во Нови Сад на денешниот помен.
Како реакција на овој немил настан, во Србија студентите одржуваа речиси секојдневни протести и блокади, а од почетокот на мај, годинава објавија дека бараат и одржување предвремени парламентарни избори.
За несреќата повеќе лица беа приведени, меѓу кои и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ и Јелена Танасковиќ, директорка на „Железничка инфраструктура“. Се уште не е почната судската постапка за утврдување на вина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа во обраќање до јавноста нагласи дека му е жал за работите што им ги кажал на демонстрантите и студентите и уште еднаш ги повика граѓаните на дијалог по први ноември.
Тој потсети дека пред една година Србија доживеала ужасна трагедија во Нови Сад и најави дека денеска ќе оди во црква и ќе му се помоли на Бога и ќе запали свеќа за секоја жртва.
Како што рече, знае дека многумина се лути што виновниците за тој настан не се утврдени и нагласи дека тоа е разочарувачки и за него.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
