Денешната прес-конференција на Калиопи беше вистински музички настан сама по себе – полна со харизма, искреност и енергија што ја прави нашата најголема дива омилена низ целиот регион. По минатогодишниот грандиозен концерт во арената „Борис Трајковски“, кој изобилуваше со страст, врвно пеење и заразна енергија, Калиопи и браќата Игор и Кристијан Стефановски подготвуваат ново музичко изненадување – три концерти во Македонската филхармонија, на 14 ноември, 6 и 7 декември.
„Пресреќна сум што најдов вистински соработници во Игор и Кристијан Стефановски. Тоа се млади луѓе кои со љубов и внимание се посветуваат на секој детал. Овие концерти ќе бидат нешто сосема поинакво – со многу емоција и душа. Ќе ви измамиме солзи, но не од тага, туку од чисто задоволство. Подготвивме и едно специјално изненадување,“ изјави Калиопи со насмевка, поздравувајќи ги присутните новинари и тв екипи.
Својот впечаток го сподели и Кристијан Стефановски, кој објасни зошто тимот се решил токму за Филхармонија:
„Музичката програма која ја подготвува Калиопи бара акустика каква што има само салата на Филхармонија. Засега се планирани три концерти, но интересот е огромен и веќе се бараат дополнителни термини. Како продукција започнавме со странски изведувачи, но особено сме горди што сега работиме со врвни македонски уметници.“
Калиопи, во своето препознатливо расположение, не одби никого за разговор и фотографија, а нејзината позитивна енергија уште еднаш ги освои присутните. Ако судиме според атмосферата на денешната прес-конференција – публиката во Филхармонија ја очекуваат три вечери исполнети со музика, емоции и вистинска магија.
Видео и Фото: П.С.Т.
