Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено по суви коловози, а интензитетот на возила на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според последните информации, на граничниот премин Табановце за влез во државата се чека околу 30 минути, додека на граничниот премин Богородица за излез од државата задржувањето е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои опасност од појава на одрони.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
