Најмалку 32 лица загинаа, а повеќе од 700 се повредени во двата земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени што ја погодија Венецуела, изјави денеска привремената претседателка Делси Родригез, прогласувајќи вонредна состојба.
Таа нагласи дека сè уште нема информации за државата Гуарија, која се наоѓа во близина на главниот град и која, како што рече, е најтешко погодена.
Земјотресите го погодија северниот дел на Венецуела, западно од Каракас.
Родригез прогласи вонредна состојба откако два земјотреси и последователни потреси ја погодија земјата, уривајќи згради во главниот град Каракас и на други места.
Вториот земјотрес, кој ја погоди Венецуела само неколку моменти по првиот, беше најсилниот што ја погодил земјата за повеќе од сто години.
Ова го објави CNN, повикувајќи се на податоци од Геолошкиот завод на САД (USGS).
Најсилниот земјотрес некогаш регистриран во Венецуела бил во 1900 година, кога земјотрес со магнитуда од 7,7 степени го погодил северниот брег, недалеку од главниот град Каракас.
Епицентарот на тој историски земјотрес бил само неколку стотици километри од епицентарот на синоќешните земјотреси.
Вториот земјотрес синоќа, со магнитуда од 7,5, сега е втор најсилен во историјата на Венецуела.
Првиот земјотрес, кој се случи помалку од една минута порано и имаше магнитуда од 7,2 степени, е четвртиот најсилен досега регистриран во земјата.
Никој сè уште не знае колку луѓе се заробени под урнатините низ Венецуела, јавува Скај њуз од САД. Очајничките операции за спасување се во тек… секоја минута е клучна. Луѓе и животни се спасуваат од урнатините, а спасувачите копаат со голи раце“, објави американската мрежа.
Еден жител рече дека тоа бил најсилниот потрес што некогаш го почувствувал, додавајќи дека земјотресот бил „долг“ и „исклучително силен“.
Келнер рече дека луѓето истрчале на улиците во паника, но „многумина немале време да избегаат“, додека властите предупредија на „катастрофа од големи размери“.
