Санацијата на мостот над реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип влегува во завршна фаза, а доколку успешно завршат сите проверки, тој веќе утре повторно ќе биде пуштен во употреба.
Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека реконструкцијата е реализирана по стручни инспекции, при кои биле утврдени оштетувања на конструктивните и функционалните елементи на мостот. Со проектот биле преземени активности за подобрување на безбедноста, функционалноста и продолжување на неговиот работен век.
Реконструкцијата опфати целосна санација на мостот, кој е долг 98,5 метри и широк околу 10 метри со тротоарите. Во моментов се изведуваат завршните асфалтерски работи, по што ќе следува тестирање на неговата носивост и издржливост.
Од ЈПДП посочуваат дека работите се изведени согласно пропишаните технички стандарди, со акцент на квалитетот и безбедноста на инфраструктурниот објект.
Изведувач на реконструкцијата е „Синтек Инженеринг“, а вредноста на инвестицијата изнесува околу 28 милиони денари, односно приближно 455.000 евра.
Доколку тестирањата поминат успешно, мостот ќе биде повторно отворен за сообраќај уште утре.
Од ЈПДП нагласуваат дека со реализацијата на проектот значително ќе се подобрат условите за одвивање на сообраќајот, како и безбедноста на сите учесници, додавајќи дека и во иднина ќе продолжат со инвестиции во модерна и сигурна патна инфраструктура.
