Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара доживотна казна затвор за Трајче Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство, на денешните завршни зборови во судскиот процес.
Лапе во своето обраќање рече дека обвинетиот, иако работел како овчар, не ги штител немоќните, туку ги избирал како жртви. Според обвинителството, Бојковски нападнал постари и немоќни жени кои биле сами, при што четири од нив ги лишил од живот.
„Доказите неспорно покажуваат дека Станче Каревска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска биле убиени на ист начин – со давење и притисок врз градниот кош“, изјави Лапе.
Тој додаде дека кај дел од жртвите биле констатирани и повреди во пределот на половите органи, а ДНК траги од обвинетиот биле пронајдени кај две од жртвите и кај една од преживеаните.
Обвинителот посочи дека преживеаните Слоботка Арсовска и Росанка Трајковска во своите сведоштва опишале дека биле нападнати со фаќање за врат, соборување и давење.
Во однос на убиството на Станче Каревска, кое Бојковски не го признава, Лапе истакна дека обвинетиот во исказот навел детали за начинот и времето на извршувањето кои, според обвинителството, се совпаѓаат со форензичките наоди.
„Таквите детали не можеле да му бидат познати на никој освен на сторителот“, рече Лапе.
Според обвинителството, психијатриското вештачење покажало дека обвинетиот е пресметлив, има способност за прикривање и кај него отсуствуваат емпатија, каење и чувство на срам. Лапе оцени дека постои ризик од повторување на делата.
Обвинителот наведе и дека кај обвинетиот се препознаваат подмолен начин на извршување, родово базирано насилство и мотиви поврзани со ниски побуди и пари, како што било наведено во текот на постапката.
Адвокатот на одбраната Тони Цветковски, кој е назначен по службена должност, побара Судот да донесе одлука што ќе биде важна за општеството и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Тој посочи дека начинот на извршување и повредите се индиции, но не и доволен доказ за вина, и како клучни материјални докази ги наведе биолошките траги под ноктите чиј ДНК-профил се совпаѓа со обвинетиот.
Одбраната истакна дека Бојковски признал вина, дека претходно не бил осудуван и дека е млад, а за двете преживеани жртви оцени дека нивните искази не овозможуваат целосно утврдување на умислата.
