Само две недели откако студентите се вселија во целосно реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје морале да интервенираат поради затнат одвод во еден од тоалетите.
Причината, според информациите, биле фрлени неразградливи влажни марамчиња во тоалетната школка, што предизвикале проблеми во канализацискиот систем.
Случајот го сподели министерката за образование и наука Весна Јаневска, која упати апел до студентите да покажат поголема грижа кон условите во кои престојуваат и кон јавниот имот.
„Обезбедивме најсовремени услови за престој на студентите во студентскиот дом ‘Стив Наумов’. Но, за тие услови да останат такви, неопходна е одговорност, совесност и грижа од сите што го користат домот. Неразградливите материјали не припаѓаат во тоалетната школка и можат да предизвикаат сериозни проблеми со канализацијата“, порача Јаневска.
Министерката нагласи дека реконструираниот студентски дом претставува значајна инвестиција во која се вложени големи средства и труд, со цел подобри услови за сегашните и идните генерации студенти.
Таа ги повика младите да се однесуваат одговорно и да покажат почит кон вложеното, бидејќи, како што посочи, зачувувањето на новите услови зависи од однесувањето на сите корисници.
