Истражните органи се растрчани во кумановско. Се расчистуваат сомнежите околу неколку убиства и можноста тоа да е последица на сериски убиец. Се ова почна откако пред некој ден беше пронајдена мртва старица во нејзиниот дом во Старо Нагоричане и апсењето на 25-годишник под сомнение дека го извршил злосторството.
По неговиот распит беше наредено да се есхумира телото на друга жена која, исто така, била пронајдена мртва дома.
Во регионот расте вознемиреноста поради истрагата за уште неколку сомнителни случаи. Јавноста се прашува дали станува збор за нов случај на сериски убиства.
Слични злосторства во поново време ја потресоа земјата. Во Охрид, Лазе Радески од 2006 до 2008 година уби тројца препродавачи на девизи и доби доживотен затвор. Во Кичево, новинарот Владо Танески беше поврзан со убиства на неколку жени, а беше пронајден мртов во притвор. Во Скопје, Виктор Карамарков во 2009 година уби четири постари жени и исто така беше осуден на доживотна казна.
