Двајца жители на Радовиш добија кривична пријава поради сомнение дека повеќе години нелегално произведувале и продавале мраз во несоодветни хигиенски услови, при што во готовиот производ биле пронајдени бактерии штетни за здравјето на луѓето.
СВР Струмица – Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе пријава против Т.Д. (62) и С.Д. (62), поради сомнение дека сториле продолжено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“.
Според пријавата, двајцата како нерегистрирани производители на мраз со години го произведувале производот во импровизирани и нехигиенски услови, а потоа го пласирале на правни и физички лица.
При претресите извршени на четири локации во Радовиш, полицијата во координација со инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство пронашла замрзнувачи со поголема количина мраз спакуван во ќеси, наменет за продажба, како и машини за производство на коцки мраз.
Земени биле примероци од водата што се користела како суровина, од готовиот мраз и од опремата за производство. Анализите покажале дека водата ги исполнувала условите за употреба, но во мразот и примероците од опремата биле утврдени бактерии ешерихија коли и колиформни бактерии.
Според надлежните, присуството на овие бактерии укажува дека производот бил контаминиран и небезбеден за употреба, односно можел да претставува ризик по здравјето на луѓето.
По добиените резултати, Агенцијата за храна и ветеринарство ги запечатила и одзела ледомите и замрзнувачите, а уништени или одземени биле околу 850 килограми готов мраз.
При проверките било утврдено и дека водата за производство на мраз во подрумските простории била обезбедувана преку приклучок кој не бил регистриран преку водомер, односно не била мерена од страна на надлежното јавно претпријатие.
Дополнително, при претрес на друг објект што го користеле пријавените, а кој бил бесправно изграден, била пронајдена и воздушна пушка за која немале соодветна документација.
Двајцата биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Радовиш, а по целосно документирање на случаите ќе следуваат дополнителни пријави за останатите утврдени неправилности.
