Речиси сите регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија се од Скопскиот регион и Велес, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека здравствените власти презеле соодветни епидемиолошки мерки, а околу домовите на лицата кај кои е потврдена болеста била извршена вонредна дезинсекција во радиус од 200 метри.
Во скопската населба Драчево, каде што се регистрирани пет случаи, било извршено прскање од земја. Според Клековски, овој метод е поефикасен од авионската дезинсекција.
„Минатата година речиси сите случаи беа во јужниот дел на Македонија, а сега најголемиот број се во Скопскиот регион, заедно со Велес. Епидемиолошките служби постапија согласно протоколите“, изјави Клековски.
Министерот информираше дека биле направени контроли во Скопје и во останатите општини за да се провери дали се почитува распоредот за редовно прскање против комарци. Според него, најголемиот дел од општините ги реализирале планираните активности.
Клековски апелираше граѓаните да применуваат лична заштита од комарци и да избегнуваат создавање места со застојана вода во дворовите, бавчите и садовите околу домовите, бидејќи тие се погодни места за размножување на комарците.
Тој нагласи дека западнонилската треска со години се појавува во Македонија, а најголем број заболени биле регистрирани во 2019 година.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, заклучно со 27 јули во земјава биле евидентирани осум случаи на западнонилска треска, од кои седум потврдени и еден веројатен. Шест од случаите биле автохтони и регистрирани во Скопје и Велес, а сите пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста и биле хоспитализирани.
Министерот објасни дека болеста не се пренесува преку директен контакт меѓу луѓето. Главен природен резервоар на вирусот се дивите птици, а кај луѓето инфекцијата најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец.
Клековски информираше и дека годинава во Македонија се регистрирани четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика вирус. Тој ги повика граѓаните кои патуваат во тропски региони, по враќањето веднаш да се обратат кај лекар доколку почувствуваат симптоми како температура или треска.
