Додека вечерва по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекуваат поконкретни информации и имиња за најавената реконструкција на Владата, денеска од СДСМ преку соопштение велат дека таа нема да донесе суштински промени за граѓаните, туку претставува само замена на поединци без промена на политиките.
Од опозициската партија оценуваат дека по две години владеење, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не успеала да испорача резултати ниту на економски, ниту на социјален план.
„Замена на неколку имиња во Владата нема да донесе никаква промена за граѓаните, затоа што проблемот се политиките на оваа неспособна и криминална власт. Старите политики остануваат, старите практики продолжуваат, а новите имиња се само нова амбалажа за истото старо, корумпирано владеење“, наведуваат од СДСМ.
