Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ја отвори новата фабрика за склопување беспилотни летала од израелско производство и најави проширување на производството со отворање уште три фабрики во различни делови од земјата.
Вучиќ преку својот профил на Инстаграм објави видео од новиот производствен капацитет, каде што пред камерите демонстрираше и управување со дронови.
„Дроновите што ги гледате од денес се произведуваат во Србија. Плановите се големи. Ова е само мал дел од она што можам да ви покажам“, напиша српскиот претседател.
Тој информираше дека во фабриката ќе бидат ангажирани околу 100 работници, а производството ќе биде наменето за потребите на српската армија, но и за други воени корисници.
Вучиќ изјави дека е горд на напредокот на Србија и посочи дека со израелските партнери постојат планови за отворање на најмалку уште три производствени капацитети низ земјата.
„Нашите планови се големи. Веруваме дека со нашите израелски партнери ќе отвориме уште најмалку три фабрики во Србија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека поради природата на производствениот процес и доверливоста на работата, новинарите не биле поканети на целосна обиколка на фабриката, но најави дека јавноста ќе има можност да види дел од новата технологија.
