Носителот на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, порача дека е уверен во изборниот процес и оцени дека никој не може да го промени исходот од гласањето. Тој најави дека во изборната вечер нема да се обраќа пред 22 часот.
„Никаква сила не може да ги промени изборните резултати. Некој може да зборува што сака, но ако ги изгуби изборите – ги изгубил“, изјави Вучиќ.
Тој рече дека, доколку неговата листа не освои мнозинство, без двоумење ќе им ја честита победата на политичките противници.
„Ако ги изгубиме изборите, ќе честитам околу 22 или 22:30 часот. Не ми е важно дали тие ќе ми честитаат мене. Ако победиме, ќе се радува мнозинството граѓани“, изјави Вучиќ.
Осврнувајќи се на анкетите, тој тврдеше дека поддршката за „Обединета Србија“ постојано расте.
„Во секоја анкета бележиме раст. Разликата, која претходно беше повеќе од 20 проценти, сега е околу 1,5 проценти. Најважно е граѓаните да излезат и да гласаат“, рече тој, повикувајќи ги избирачите кои, како што наведе, сакаат мир, стабилност и сериозни промени да го дадат својот глас.
Вучиќ истакна и дека неговите политички противници, според него, не се посилни ниту на улица, додавајќи дека државните институции ќе обезбедат мирно одвивање на изборниот ден.
Говорејќи за евентуалната нова влада, доколку неговата листа победи, Вучиќ најави кабинет со 12 министри.
„Сите министри ќе бидат сместени во иста зграда, освен можеби ресорите за одбрана и внатрешни работи. Никој нема да може да ја напушти зградата без мое одобрение“, изјави Вучиќ, пренесе агенцијата „Бета“.
