Министерството за здравство соопшти дека надлежната Комисија за имунизација донела одлука за времено одложување на имунизацијата со БСЖ вакцината поради проверка на сериите кои се користат кај нас што следи по информации од хрватските медиуми за несакани реакции од оваа вакцина, а кои се од ист производител.
Од Министерството потенцираат дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза.
Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле минатата година се евидентирани 15 случаи, а годинава 12 нови случаи.
Во изминатите 10 години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина и тоа во август 2022 година.
