Високото образование во Македонија е пред очекување да се донесе новиот Закон наменет токму за него. Ќе успее ли тој да го намали хаосот во кој е западнат голем дел од систем за формирање на дипломци и постдипломци?
Последниот проблематичен случај со магистерските и докторските студии на Филозофскиот факултет само ја покажа потребата од итно поставување ред.
Имено, на факултетот се случило студенти кои немале доволно поени за магистерски – сепак да бидат запишани, а дел од
нив да продолжат и на докторски студии. Неколку години никој не реагирал, ниту факултетот, ниту инспекторатот, ниту министерството. А сега излегува и тврдење дека имало и делови од законската регулатива кои можеле двозначно да се толкуваат. Тоа е недозволиво.
Денес Инспекторатот вели – тоа не било по закон. Уписите се поништуваат, студентите се испишуваат, парите ќе им се враќаат. Но, тоа не е решение – тоа е задоцнета реакција. Сега треба да се знае: Ќе сноси ли некој одговорност за настанатата состојба?
Следното прашање е: ако ова се случува на Филозофскиот, тогаш што се случува на други факултети, особено на приватните?
Македонија само лани доби стотици магистри и доктори на науки. Се ли таму е според прописите?
Време е да се отворат сите досиеја, да се проверат и старите случаи и без селекција да се влезе во секој факултет. Да, знаењето е моќ, но дајте да се расчисти веќе во Македонија дали секоја диплома е плод на знаење?
Впрочем деновиве гледаме и како на член на Државната комисија за спречување на корупцијата испитот за безбедносен сертификат ѝ го полагало друго лице.
Доста е од вакви работи.

