Воен авион се урнал во вторникот доцна навечер во североисточниот дел на Франција, во департманот Мерт и Мозел, а остатоците од леталото биле забележани со помош на дрон.
Информацијата ја потврди градоначалникот на Пон-а-Мусон, Анри Лемуан, кој посочи дека спасувачките екипи се на терен и работат на утврдување на точната локација на падот.
Несреќата се случила околу 23:35 часот во областа меѓу населените места Рожевил, Домевр-ан-Е и Тремблекур, на подрачјето меѓу Нанси и Мец.
По пријавата за падот, на местото веднаш биле испратени припадници на жандармеријата и пожарникарски екипи, кои започнале со пребарување и обезбедување на теренот.
„Остатоците беа забележани со помош на дрон, но во овој момент не можеме да дадеме повеќе информации бидејќи спасувачките екипи сè уште се на терен, а истрагата штотуку започна“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
Во Рожевил е формиран кризен штаб, а жителите се предупредени дека движењето во околината може да биде отежнато поради активностите на службите.
