Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ во текот на септември собрале и транспортирале 14.320 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.
Од претпријатието информираат дека во истиот период биле отстранети и 3.040 кубни метри непрописно фрлен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини.
Најголемо количество отпад од диви депонии било подигнато во Општина Чаир, каде што биле отстранети 545 кубни метри отпад.
Во текот на минатиот месец, Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ издала 24 едукативно-информативни записници до приватни лица и претставници на компании кои биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота.
Од претпријатието посочуваат дека паралелно со собирањето отпад, секојдневно се спроведуваат активности за одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење и миење на скопските улици, булевари, плоштади, пешачки мостови и други јавни површини.
Во рамки на редовните активности се опфатени и пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и просторот на Старата скопска чаршија.
