Во изминатото деноноќие на територијата на Македонија се регистрирани 25 пожари на отворен простор, од кои четири сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 18 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер во Општина Студеничани, каде гори мешана шума, како и кај Видуш, Драгов Дол и Локвица во Општина Македонски Брод, каде се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожар сè уште има и во велешкиот регион кај селото С’лп, со ширење кон Карабуњиште, Добрино и Тисовица во Општина Зелениково.
Активно жариште е регистрирано и кај Копанце и Туденце во Општина Јегуновце, кое се движи во правец кон Бојане во Општина Сарај.
Под контрола се пожарите во Крушевско, на потезите Алданци – Норово и Борино – Житоше, како и пожарот на депонијата во Кратово.
Од ЦУК посочуваат дека најголем дел од пожарите во последното деноноќие, односно 18, се успешно изгаснати, а надлежните екипи продолжуваат со следење на состојбата на терен.
