Во турската престолнина Анкара денеска почнува дводневниот самит на НАТО, на кој ќе учествува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја предводи македонската делегација. Во состав на делегацијата се министрите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Вечерва претседателката ќе присуствува на свечената вечера што за лидерите на земјите-членки ја организира турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет. На самитот ќе присуствуваат лидерите на сите 32 земји-членки, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Главни теми ќе бидат зголемувањето на инвестициите во одбраната, зајакнувањето на одбранбените капацитети и безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата. Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, како и за нов пакет воена помош во вредност од 140 милијарди евра за следните две години. Во завршната декларација се очекува Русија повторно да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност, а Иран да биде повикан да ја почитува слободата на пловидба во Ормутскиот Теснец.
На маргините на самитот ќе се одржи и Форум на одбранбената индустрија, на кој се очекува потпишување договори вредни повеќе милијарди евра. Покрај учеството на официјалните седници, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари и повеќе билатерални средби со странски државници.
