Под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, ВМРО-ДПМНЕ денеска одбележува 36 години од своето формирање, со централна манифестација што ќе се одржи на стадионот „Младост“ во Струмица.
Собирот започнува во 20:00 часот, а партијата упатува покана до сите членови, симпатизери, поддржувачи и граѓани кои веруваат во напредок, работа и развој на државата, да присуствуваат и заеднички да го одбележат јубилејот.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека 36-годишниот пат претставува период исполнет со предизвици, искушенија и политички борби, но и со моменти на значајни општествени и државни промени, при што, како што наведуваат, силата секогаш доаѓала од граѓаните.
Претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски во видео-порака посочи дека ВМРО-ДПМНЕ денес гледа кон иднината и се фокусира на развој, економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард.
Тој нагласи дека приоритет остануваат подобри плати, модерна инфраструктура, унапредено образование и здравство, како и институции кои ќе бидат во служба на граѓаните.
