Коалицискиот партнер ВЛЕН по владината реконструкција ќе предводи шест министерства, соопшти првиот вицепремиер и генерален секретар на партијата, Беким Сали. Според него, ВЛЕН ќе раководи со ресорите за животна средина, економија, правда, европска интеграција, култура и односи меѓу заедниците.
Сали изјави дека сè уште не се утврдени конечните кандидати за министрите за правда и култура, каде ќе има нови имиња. Тој потврди дека Министерството за здравство повеќе нема да биде дел од ресорите што ќе ги води ВЛЕН, а коалицијата најверојатно ќе ги загуби и позицијата вицепремиер за добро управување и Министерството за труд и социјална политика.
Од ВЛЕН велат дека се задоволни од досегашните министри и очекуваат да продолжат со работа во новиот владин состав. Преговорите меѓу коалициските партнери сè уште траат, но, според Сали, договорот околу овие шест министерства е постигнат.
