Покрај неуспешните преговори со нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Владата најави проширување на мрежата на авиолинии и воведување нови летови од скопскиот и охридскиот аеродром во текот на летната сезона. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека ова лето ќе бидат отворени пет нови дестинации, нагласувајќи дека и покрај глобалните предизвици во авиоиндустријата, земјата бележи раст во авио-сообраќајот.
Тој истакна дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови кои би биле на штета на останатите превозници или на државните интереси.
„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но не можеме да прифатиме уцени и барања за повисоки субвенции само за една компанија“, изјави Николоски.
Според најавите, Austrian Airlines ќе воспостави директна линија Виена–Охрид, додека во јуни ќе започнат летови од Краков и Вроцлав кон Охрид. Од Скопје, пак, се воведуваат две нови летни дестинации – Палермо и Алгеро.
Министерот додаде дека Македонија е единствената земја во регионот што отвора нови авиолинии во период на глобални предизвици во авио-секторот.
Дополнително, Wizz Air ќе стационира седми авион во Скопје, а се разгледува и можноста за воспоставување база во Охрид. Во однос на снабдувањето со керозин, Николоски истакна дека залихите се стабилни и над законскиот минимум, при што дел од регионалните аеродроми веќе се снабдуваат од Македонија.
