Петтото коло во Првата македонска фудбалска лига донесе големи возбудувања и резултати кои дополнително ја зголемија неизвесноста во шампионатот. Лидерот Шкендија го претрпе првиот пораз сезонава, додека Шкендија Арачиново славеше на гостувањето кај Брегалница.
На тренинг-центарот на ФФМ, Тиквеш приреди големо изненадување совладувајќи ја Шкендија со 3-1. Херој на кавадарчани беше Н’Фанли Сила, кој постигна хет-трик и ја прекина максималната серија на тетовскиот тим.
Гостите поведоа во 20. минута, кога Сила со прецизен удар ја затресе мрежата на Рамани. Во второто полувреме истиот играч со одличен соло-продор зголеми на 2-0, а надеж за Шкендија донесе капитенот Бесарт Ибраими, кој намали на 2-1.
Во моментите кога тетовци тргнаа по израмнување, Тиквеш изведе брз контранапад, а Сила со својот трет погодок ги постави конечните 3-1. Во самиот финиш, Шкендија остана и со играч помалку по исклучувањето на Ислами.
На Градскиот стадион во Штип, Шкендија Арачиново ја совлада Брегалница со минимални 1-0 и ги освои трите бода.
Двата тима одиграа израмнето прво полувреме со неколку добри можности на двете страни, но без погодоци. Клучниот момент се случи во 79. минута, кога домашниот фудбалер Матеј Максимов доби втор жолт картон и беше исклучен.
Само неколку минути подоцна, Аритон Мехмеди упати силен удар од работ на шеснаесетникот, а топката по одбивање од домашната одбрана заврши во мрежата за победа на гостите.
До крајот на натпреварот нервозата резултираше со уште едно исклучување, овојпат кај Енис Фазлагиќ, но резултатот остана непроменет и Шкендија Арачиново се радуваше на голема победа во Штип.
