Длабоко жалење и сочувство до семејството на пациентот кој трагично го загуби животот откако бил повреден во физичка пресметка со друг пациент во установата изрази директорот Психијатриска болница „Скопје“, Хиса Авдулаи. И покрај лекарската интервенција, пациентот почина на скопските клиники. Министерството за здравство вели дека овој настан ќе го забрза процесот на инвестирање во човечки капацитети и инфраструктура.
„Во раните утрински часови на 5 август 2025 година, во Одделот за лекување на осудени лица се случи несреќен настан со трагичен исход. Околу 00:50 часот дојде до физичка пресметка помеѓу двајца пациенти, при што едниот од нив, пациент на возраст од 62 години, беше повреден. Медицинскиот персонал веднаш интервенираше и повика Итна медицинска помош. И покрај укажаната лекарска грижа, му беше констатирана смрт“, изјави директорот Авдулаи.
