Општина Вевчани во изминатиот период реализираше повеќе инфраструктурни, комунални и туристички проекти со цел подобрување на условите за живот на жителите и унапредување на јавниот простор.
Од локалната самоуправа информираат дека во делот на патната инфраструктура, во соработка со Министерството за транспорт, биле обезбедени средства за целосна реконструкција на четири локални улици со вкупна должина од околу пет километри.
Паралелно со тоа, обновено е и уличното осветлување, при што се поставени нова подземна инсталација и современи канделабри.
Во текот на годината биле реализирани активности за уредување на јавни површини, пешачки патеки и пристапни патишта, како и изградба на бетонски канали за наводнување.
Жителите и посетителите на централното подрачје на Вевчани добија и бесплатен интернет преку проектот „Вај-фај за Западен Балкан“, реализиран со поддршка и соработка со ГИЗ.
Значајни активности се спроведени и во туристичката инфраструктура. Обновен е дел од осветлувањето кај локалитетот „Вевчански извори“, а процесот на целосна реконструкција продолжува. Воедно, општината продолжи со поддршка на традиционалната манифестација „Вевчанско лето“, која е важен дел од туристичката понуда.
Со средства од општинскиот буџет е уреден и дворот на детската градинка, каде што се изведени работи за проширување на пристапната патека, изградба на потпорен ѕид, поплочување, дополнителни паркинг-места, како и поставување нова ограда, клупи и корпи за отпадоци.
Инвестиции се реализирани и во Јавното комунално претпријатие. Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион обезбедени се специјална машина за одржување на канализацискиот систем и хидрауличен мини багер.
Дополнително, општината обезбеди 850 канти за комунален отпад, со што секое домаќинство доби бесплатна канта, а преку регионалниот проект за управување со отпад е обезбедено и специјализирано возило за собирање смет.
Од Општина Вевчани најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат инвестициите во инфраструктурата, комуналните услуги и развојот на туризмот, со цел создавање подобри услови за жителите и посетителите.
