Македонскиот шампион Вардар го запиша вториот последователен пораз во Првата македонска фудбалска лига, откако попладнево на гостувањето кај Струга Трим Лум беше поразен со 1:0 во дербито од третото коло.
„Црвено-црните“ имаа можност да извлечат бод во самиот финиш, но во петтата минута од судиското продолжение Давид Бабунски не реализираше пенал, испраќајќи ја топката покрај голот.
Победничкиот погодок за Струга ТЛ го постигна Христијан Малески во 61. минута. По водството, домашниот тим создаде уште неколку добри шанси, но голманот на Вардар, Давор Талески, со неколку одлични интервенции спречи поубедлив пораз.
Третото коло ќе биде комплетирано со дуелот меѓу Шкендија Тетово и Брегалница.
Во останатите натпревари беа постигнати следните резултати:
Силекс – Скопје 3:0
Тиквеш – Шкендија Арачиново 0:1
Арсими – Башкими 1:0
По некомплетното трето коло, Силекс и Струга Трим Лум се на врвот на табелата со по седум освоени бодови.
