Уставниот суд денеска повторно ќе ја разгледува иницијативата за оценување на уставноста на одредби од Изборниот законик што се однесуваат на платеното политичко рекламирање и државното финансирање на изборните кампањи.
Иницијативите ги поднесоа партиите Левица и Демократи, кои сметаат дека сегашните законски решенија создаваат нерамноправна положба меѓу политичките партии и им овозможуваат привилегирана позиција на најголемите политички субјекти.
Судиите ќе одлучуваат дали ќе поведат постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од Изборниот законик, кои, според подносителите, го нарушуваат принципот на еднаквост и политичкиот плурализам.
Овој предмет веќе беше разгледуван во јули годинава, но тогаш предлогот на судијата-известител Осман Кадриу не го доби потребното мнозинство гласови за поведување постапка. Во меѓувреме, составот на Уставниот суд е проширен со уште еден судија, па денешната седница може да донесе конечен пресврт околу ова прашање.
Левица и Демократи тврдат дека важечките правила им овозможуваат на четирите најголеми партии – две од власта и две од опозицијата – да добијат најголем дел од средствата за платено политичко рекламирање и најголем медиумски простор, додека останатите политички субјекти се ставени во нерамноправна положба.
Доколку Уставниот суд поведе постапка, а потоа ги укине спорните одредби, ќе биде неопходно да се изготват нови правила за финансирањето на изборните кампањи.
Прашањето веќе подолго време е предмет и на политички несогласувања во Собранието, каде што се предлагаат пошироки измени на Изборниот законик. Освен финансирањето на кампањите, предмет на дебата се и електронското гласање на дијаспората, условите за независните кандидати, користењето билборди во кампањите и можноста Македонија да стане една изборна единица.
Одлуката на Уставниот суд би можела значително да влијае врз правилата според кои ќе се организираат и финансираат идните изборни кампањи во државата.
