Уставниот суд денеска ќе ја одржи 24. седница на која ќе разгледува осум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на повеќе законски одредби и подзаконски акти, а ќе одлучува и по нацрт-одлука за предмет од областа на социјалната заштита.
Меѓу предметите што ќе се најдат пред уставните судии е иницијативата со која се оспорува член 461 од Законот за парничната постапка. Подносителот, адвокатот Горан Николовски, смета дека задолжителната медијација како услов за поведување судска постапка во спорови меѓу правни лица до еден милион денари претставува неоправдано ограничување на пристапот до суд и создава дополнителна пречка за остварување на судска заштита.
Судот ќе расправа и за иницијатива поврзана со член 157 став 8 од Кривичниот законик. Според подносителот Славко Димитров, оспорената одредба ги нарушува моралните авторски права, како и правото на достоинство и автономија на авторите.
На дневен ред се и две иницијативи за одредби од Законот за заштита на децата. Подносителката Климентина Ангелеска смета дека законските решенија кои се однесуваат на правата поврзани со првото, второто и третото новородено дете создаваат дискриминација.
Уставните судии ќе ја разгледуваат и иницијативата за член 12 од Законот за адвокатурата, со која се оспорува условот за запишување во Именикот на адвокати поврзан со претходно утврдена одговорност во вршењето функција или работен однос.
Подносителот Оливер Давидовски ја оспорува и одредбата од Законот за бесплатна правна помош што му овозможува на Министерството да одбие исплата на надоместок на вештак доколку оцени дека не ги исполнил законските обврски.
Пред Судот ќе се најде и иницијатива што се однесува на акти на Агенцијата за супервизија на осигурување, со тврдење дека на осигурително-брокерските друштва им се наметнуваат обврски кои не се предвидени со закон.
На седницата ќе се разгледува и иницијатива за Правилникот за водење педагошка евиденција и документација во средните училишта, како и иницијатива поврзана со владин заклучок од 2020 година што се однесува на примената на Законот за авторско право и сродните права.
Покрај овие иницијативи, Уставниот суд ќе одлучува и по нацрт-одлука за предмет што се однесува на член 60 став 2 од Законот за социјалната заштита, кој ги уредува условите поврзани со возраста, невработеноста и некористењето право на пензија за остварување на одредени права од социјалната заштита.
