Царинските службеници спречиле обид за нелегално внесување на 200.000 евра непријавени девизни средства, откако унгарски државјанин се обидел да ги внесе парите во Македонија преку граничниот премин Табановце.
Според информациите од Царинската управа, лицето не ги пријавило девизните средства кај надлежните службеници при влез во државата, по што возилото било издвоено за детална контрола поради сомнеж.
При прегледот, во ташна поставена меѓу менувачот била пронајдена црна платнена торбичка со 65.000 евра. Дополнително, во ранец на задното седиште, сокриена под компјутер, била откриена друга торбичка со 37.650 евра.
Во куферот кој се наоѓал на задното седиште, меѓу гардеробата, цариниците пронашле уште една торбичка во која имало 97.350 евра.
Од вкупно пронајдените 200.000 евра, на патникот му биле вратени 10.000 евра согласно Законот за девизно работење, додека преостанатите 190.000 евра се задржани со потврда за задржани средства.
