Дваесет и двегодишен жител на Мала Речица е приведен под сомнение дека со помош на компјутерска измама одреден период ја користел паркинг-услугата во Тетово без да изврши плаќање.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Е.Ш. (22) бил лишен од слобода вчера во 20:15 часот од полициски службеници на СВР Тетово.
„На 13.10.2026 во 20:15 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Е.Ш.(22) од село Мала Речица, тетовско, поради сомнение за сторено кривично дело ‘компјутерска измама’ по член 251-б од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според пријавеното, тој се сомничи дека без да плаќа, преку компјутерска измама, во одреден временски период користел паркинг-услуга во Тетово.
Лицето е задржано во полициска станица, а по целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
