Полицијата во три одделни случаи во Тетово и Гостиварско лишила од слобода тројца малолетници кои биле затекнати како управуваат моторни возила без возачка дозвола.
Возилата со кои управувале малолетниците се одземени, а по целосното документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Првиот случај е регистриран на 27 септември околу 18 часот во селото Камењане, каде полициски службеници запреле патничко возило „ланд ровер“ управувано од 16-годишен малолетник од селото. При контролата било утврдено дека возилото нема документација, а малолетникот управувал без возачка дозвола. Тој бил лишен од слобода во присуство на родител, а возилото било одземено.
Следниот случај бил во селото Дебреше, на 28 септември околу 1:30 часот. Таму полицијата затекнала 17-годишен малолетник од село Добридол како управува автомобил „бмв“ со гостиварски регистарски ознаки без положен возачки испит и дозвола за управување.
Возилото било одземено, а против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава по завршување на постапката.
Во третиот случај, на 27 септември во 21:30 часот на улицата „Љубо Божиновски Пиш“ во Тетово, полицијата затекнала 16-годишен тетовец како управува мопед „априлија“ без возачка дозвола.
И овој малолетник бил лишен од слобода во присуство на родител, а мопедот бил одземен. Од МВР додаваат дека по целосното документирање ќе следува соодветен поднесок.
