Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не сака прекин на огнот во конфликтот со Иран. На прашањето за повторно отворање на Ормускиот теснец, тој рече: „Ние не го користиме. Во еден момент, сам ќе се отвори“. Додаде дека „би било добро“ земјите што го користат теснецот, како Кина, да се вклучат во неговото обезбедување.
Ормускиот теснец е речиси блокиран од 28 февруари, кога започнаа судирите, поради напади врз бродови и поставување поморски мини. Од почетокот на војната досега низ теснецот поминале помалку од 100 бродови, додека претходно дневно минувале околу 130 до 140 пловила. Овој драстичен пад на сообраќајот сериозно го наруши глобалното снабдување со нафта и гас и дополнително ги зголеми цените на енергенсите на светските пазари.
