Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша две нови извршни наредби со кои повторно се обидува да го ограничи стекнувањето американско државјанство по раѓање. Мерките се насочени кон сузбивање на таканаречениот „туризам за породување“, односно доаѓањето на странски државјанки во САД со цел нивното дете автоматски да добие американско државјанство.
Новите правила ги заоструваат постојните прописи и ги ограничуваат исклучоците за добивање државјанство. Од Белата куќа тврдат дека наредбите се усогласени со одлуката на Врховниот суд, кој претходно го отфрли сличниот обид на Трамп како неуставен.
Покрај „туризмот за породување“, мерките се однесуваат и на деца родени од странски државни службеници и лица класифицирани како странски непријатели. Трамп најави дека повеќе нема да се издаваат визи за лица кои патуваат во САД со единствена цел нивното дете да стекне американско државјанство.
Правни експерти очекуваат новите извршни наредби повторно да бидат оспорени пред судовите. Прашањето за државјанството по раѓање останува една од најконтроверзните теми во американската имиграциска политика.
