Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, по евентуалниот пораз на Иран, САД ќе го прогласат Ормускиот Теснец за „територија на Соединетите Американски Држави“.
„Откако ќе завршиме со поразувањето на Иран, кој е сериозно поразен, наскоро ќе го прогласам Ормускиот Теснец за територија на Соединетите Американски Држави“, рече Трамп со насмевка за време на политички настан во полицискиот центар за обука во Гарден Сити, во сојузната држава Њујорк.
Тој додаде дека САД веќе имаат целосна контрола врз пловидбата во теснецот.
„Во суштина, тоа и е. Ние ја имаме блокадата. Ниту еден брод не поминува ако ние не го дозволиме тоа“, изјави американскиот претседател.
Британскиот „Гардијан“ оцени дека не е јасно дали станува збор за сериозна најава или за политичка шега. Подоцна, според „Волстрит журнал“, претставник на Белата куќа појаснил дека Трамп не зборувал сериозно.
На неговите изјави реагираше заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади.
„Ормускиот Теснец не може да биде преземен со твит, носач на авиони, указ или предизборен говор. Иран не се плаши од закани ниту од демонстрација на сила“, напиша Гарибабади на социјалната мрежа Икс.
Трамп претходно најави и дополнително засилување на економскиот притисок врз Иран, истакнувајќи дека нема да се извини за евентуалниот раст на цените на горивата.
„Она што го правиме е голема услуга за светот, а не само за нас“, порача тој.
Ормускиот Теснец претставува една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и енергенси. Пред почетокот на воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран на 28 февруари, низ него поминуваше околу една петтина од светската трговија со нафта. Според Ројтерс, поморскиот сообраќај во теснецот сега е речиси целосно запрен.
