Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави можеби „отишле предалеку“ со нападите врз иранското раководство, оценувајќи дека елиминацијата на високи функционери дополнително ги искомплицирала обидите за воспоставување преговори со Техеран.
Говорејќи на митинг во американската сојузна држава Охајо, Трамп рече дека Вашингтон сега се соочува со проблем да најде соговорници од иранската страна.
„Можеби отидовме предалеку со нивните лидери, бидејќи веќе не знаеме со кого, по ѓаволите, имаме работа. Искрено, тешко ни е воопшто да најдеме некого со кого би преговарале“, изјави Трамп.
Тој посочи дека САД можеле да ја прекинат воената операција и во порана фаза, додавајќи дека дел од понатамошните акции можеби биле чекор предалеку. Сепак, не прецизираше на кои конкретни операции или фази од нападите мисли.
Според Трамп, потенцијалните кандидати за преземање на водечките функции во Иран не покажуваат интерес да ја преземат одговорноста во сегашните околности, што, според него, дополнително ја усложнува можноста за политички дијалог.
И покрај ваквата оценка, американскиот претседател повтори дека Вашингтон нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје, нарекувајќи го Техеран „главен светски спонзор на тероризмот“.
Трамп истовремено тврдеше дека американските воени операции нанеле огромни загуби врз иранските вооружени сили, наведувајќи дека воздухопловните сили и морнарицата на Иран биле практично уништени.
На крајот од своето обраќање тој изнесе и тврдење дека Иран ги загубил сите 159 бродови, додавајќи дека тие „мирно почиваат на морското дно“. За овие наводи не понуди дополнителни докази или објаснувања.
