Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Канада дека сака да ги ужива придобивките како да е сојузна држава на САД, без формално да биде дел од земјата, во своите први јавни коментари откако пропаднаа преговорите за царините меѓу Вашингтон и Отава.
„Тие, исто така, им наплаќаа на нашите одлични земјоделци, со години, огромни царини. Нема повеќе“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Неговата изјава следува по одлуката на САД да воведат царини од 50 проценти за канадска стока во вредност од 20 милијарди долари. Канадскиот премиер Марк Карни најави дека Отава ќе возврати со контрамерки „долар за долар“.
Новите американски царини стапија во сила вчера и опфаќаат широк спектар производи. Експертите предупредуваат дека мерките би можеле да доведат до губење работни места и дополнително влошување на политичките односи меѓу двете соседни држави.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за неуспехот на трговските преговори.
Карни изјави дека Канада веќе се наоѓа во трговска војна со САД и оцени дека Трамп направил погрешна проценка со ескалацијата на барањата.
„Во војна сте кога сте нападнати, а ние сме нападнати. Не можеме да го прифатиме она што го понудија и нема да го дадеме она што го побараа“, изјави Карни.
Од американска страна, трговскиот претставник Џејмисон Грир изјави дека Вашингтон бил принуден да реагира по, како што рече, една година канадски одмазднички мерки.
„Доста кажавме и затоа презедовме контрамерки. Нашиот интерес е да ги заштитиме американските работници и американските синџири на снабдување“, рече Грир.
Според Канадската федерација на независни бизниси, околу 40 проценти од малите канадски извозници ќе бидат директно погодени од американските царини, а речиси една третина очекуваат приходите да им се намалат за повеќе од 50 проценти.
Ескалацијата на трговскиот спор предизвика критики и во САД. Демократски гувернери и членови на Конгресот оценија дека новите царини ќе ги погодат американските потрошувачи и компании.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, порача дека администрацијата на Трамп непотребно ги нарушува односите со сојузниците и ги зголемува цените во земјата.
Сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, истакна дека Канада е најважниот трговски партнер на Минесота и предупреди дека последиците од новите царини ќе ги почувствуваат бизнисите, земјоделците и граѓаните.
Карни и претходно најавуваше цврст став кон администрацијата на Трамп, особено по изјавите на американскиот претседател дека сака Канада да стане 51. сојузна држава на САД преку економски притисок.
