Осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане, Трајко Бојковски, на денешното рочиште во Основниот суд во Куманово призна дека е сторител на три од четирите убиства кои му се ставаат на товар.
На судењето како вешто лице сведочеше проф. д-р Стојан Бајрактаров, специјалист по психијатрија и форензичка психијатрија, кој го изготвил стручниот наод за психичката состојба на обвинетиот.
Според неговото сведочење, кај Бојковски биле утврдени ограничени интелектуални способности, кои се на границата меѓу лесна интелектуална попреченост и нормално интелектуално функционирање.
Бајрактаров посочил дека обвинетиот бил способен да даде одредени описи за настаните, а како пример го навел случајот кога Бојковски избегал од куќата на Слоботка, откако забележал бел автомобил пред објектот.
„Знаеше да го опише настанот кога избегал од куќата на Слоботка, бидејќи наишол бел автомобил и знаел дека нејзиниот син има бел автомобил, па претпоставил дека тоа е тој, се исплашил и избегал“, изјавил вештакот.
Завршните зборови во предметот се закажани за 6 октомври.
Бојковски е обвинет за серија напади во Општина Старо Нагоричане, каде што според обвинението биле убиени неколку жени. Жртвите, според досегашните информации, главно биле постари жени кои живееле сами, додека една од жените за чие убиство се товари е помлада.
